Јованка Радичевиќ бара поддршка: Пред полна сала уште еднаш да го совладаме Турингер

Капитенот на Вардар, Јованка Радичевиќ пред мечот против Турингер е свесна дека таа и колешките мораат на високо ниво за да можат во голем стил да финишираат после првиот круг од групната фаза. Им треба и оваа победа за да можат максимално да влезат во следната фаза и на тој начин уште сега да се со едната нога во четврт-финалето.

„После важната победа кај ФТЦ во Унгарија малку здивнавме бидејќи успеавме да освоиме бодови кои ни беа максимално потребни. Кога се вративме веднаш се посветивме на Турингер и максимална подготовка за овој меч. Свесни сме дека ни доаѓа екипа која сака да не совлада и која сака пласман во следната рунда. На Турингер му требаат два бода од Скопје за сигурно да се пласира понатаму, но исто и за нас. Триумфот кај нив не значи ништо доколку ги потцениме на оваа средба. Сигурна сум дека тоа нема да си го дозволиме бидејќи сакаме да одиме понатаму со со максимален број на бодови“, вели капитенот на Вардар.

Турингер го совладаа во Германија, но јасно е дека гостинките мораат да притиснат и играат со сите сили. Токму поради тоа в петок сигурно ќе има одличен ракомет.

„Знаеме со кого се соочуваме. Тоа е тим кој игра 60 минути и затоа мораме да внимаваме. Против ФТЦ во Унгарија тие имаа гол-два предност во текот на целата средба. Само поради неколку технички грешки во финишот го загубија тој дуел. После сите овие победи мислам дека заслуживме салата да ни биде полна и противникот да почувствува како се навива во Скопје кога игра Вардар. Сакам да дојдат во што поголем број, а ние ќе им вратиме со одлична партија во текот на целиот меч и со победа“, рече Радичевиќ на денешниот прес.