Јауковиќ: Нема потреба да се трошат зборови за Вардар

Ракометарките на Вардар на крајот на јануари следната година ги очекува продолжението на Лигата на шампионите. По празничниот одмор, вардарки ќе се вратат на обврските на 8 јануари, а во меѓувреме ќе одиграат уште еден турнир од регионалната лига против Крим и Будуќност. Тимот од Подгорица ќе биде ривал и во главната фаза од ЛШ, а бекот на црногорскиот првак, Ѓурѓина Јауковиќ, смета дека нема потреба да се трошат зборови за квалитетот на Вардар.

„Не чекаат тешки гостувања кај екипи кои имаат поголеми амбиции од четвртфинале. Главен фаворит во групата е Вардар. Нема потреба да трошам зборови за квалитетот на оваа екипа, која лани стигна до финалето на ЛШ. Ѓер едвај славеше во тој натпревар, но искрено, по мое мислење, Вардар повеќе го заслужи трофејот. Знам каков голем мотив ќе имаат и кога ќе играат против нас.“ – изјави младата Јауковиќ за црногорските медиуми.