Ѓер и ЧСМ Букурешт “крадат” од Шиофок

Унгарскиот и европскиот првак Ѓер, по пивотменот Беатрис Едвиж од Мец, го обезбеди потписот на француската репрезентативка Естел Нзе Минко од големиот конкурент на домашна сцена Шиофок.

Нзе Минко игра одлично и на клупско и на репрезентативно ниво во последните неколку сезони, па нормално беше да биде забележена од најдобрите европски клубови.

Таа потпиша двегодишен договор со Ѓер и ќе го пополни испразнетото место по заминувањето на Нике Грот, а покрај неа од унгарскиот тим заминуваат и Пинтеа, Томори и Морк.

Пинтеа и Морк најверојатно се селат во ЧСМ Букурешт, Томори ќе оди во Шиофок, а романскиот тим ќе купува и од Шиофок. Двете романски репрезентативки, Дениса Деду и Габриела Периану би требало да се вратат дома.