Ѓаволот ја однесе шегата: Душебаев ги бара на помош Биелецки и Лијевски

Репрезентацијата на Полска се наоѓа во многу незавидна ситуација во квалификациите за Европското Првенство кое догодина ќе се одржи во Хрватска. Полјаците веќе имаат два порази од Србија дома и од Романија на гости, па доколку не слават над незгодната Белорусија во следното коло, практично ќе бидат елиминирани од трката.

Овој факт беше причина полскиот селектор Талант Душебаев да побара помош од пензионираните репрезентативци, левиот бек Карол Биелецки и десниот бек Криштоф Лијевски. Двајцата играчи позитивно одговорија на повикот на Душебаев, кој ги тренира и во Киелце, и ќе се обидат да и помогнат на Полска да стигне до целта, пласман на ЕП.

За дуелите со Белорусија, ќе бидат отсутни Томаш Гебала и Мариуш Јуркиевич, додека камбек во националниот тим ќе имаат Матеуш Кус, како и Микал Јуреци, Камил Шипжак и голманот на Лемго, Пјотр Вишомирски.