Шундовски ќе мора да бара нов клуб – во ЧСМ доаѓа Шпанец за тренер

Поранешниот селектор на машката репрезентација на Македонија, Звонко Шундовски, веројатно на крајот од сезонава ќе мора да бара нов клуб, иако неговиот клуб ЧСМ Букурешт сѐ уште е во игра за титулата во Романија. Веќе се шпекулира дека тимот ќе има нов тренер, и тоа Шпанец.

ЧСМ Букурешт и Шундовски лошо ја почнаа сезоната, имаа многу порази во серија, и уште во есенската полусезона беше актуелизирано неговото заминување, но во пролетната полусезона, тимот каде што игра и Гоце Георгиевски полека ја врати формата и сега игра во полуфиналето на плеј-офот.

Замена на Шундовски на клупата на романскиот клуб би требало да му биде младиот шпански стратег Пау Кампос, кој е актуелен предводник на шпанскиот второлигаш Бордиљ, а кариерата ја започнал во младинските категории на Барселона. Кампос доаѓа во ЧСМ Букурешт на препорака на актуелниот романски селектор и тренер на каталонците, Чави Пасквал.

Кампос за шпанските медиуми веќе потврди дека заминува за Романија, несакајќи да открие детали велејќи дека во клубот каде треба да пристигне сѐ уште постои тренер што е професионалец и дека би било невкусно сега да се открива името на екипата. Шундовски веќе петта сезона е во Романија. Три години беше тренер на Констанца, а ја минува втората како предводник на ЧСМ Букурешт.

One Response

  1. ЧСМ Букурешт најде замена за Звонко Шундовски | 24 РАКОМЕТ

    […] што пред повеќе од месец дена објави 24Ракомет, наследник на поранешниот македонски селектор Звонко […]