Што се случува со Циндриќ?

Втор натпревар по ред на Светското првенство, Лука Циндриќ не одигра ниту една минута. Селекторот на Хрватска, Лино Червар, по средбата со Јапонија, изјави дека ги ротирал сите играчи, а Циндриќ го чувал за следните натпревари со Македонија и Шпанија.

Меѓутоа тој не настапи ни против нашата селекција, па сите се прашуваа дали има некаква повреда.

„Не, не сум повреден. Зошто не играв ниту една минута – прашајте го тренерот“, коментираше Циндриќ по средбата со Јапонија.

Сега по средбата со Македонија, Циндриќ вели дека има повреда.

„Имам проблем со задната ложа. Со селекторот се договоривме да не играм ако нема потреба. Ако беше густо, ќе влезев, но водевме, па немаше потреба. Веројатно нема да играм против Бахреин, но против Шпанија ќе бидам подготвен“, вели Циндриќ.

Тој беше еден од најдобрите на средбата со Исланд со шест постигнати голови. Хрватска веќе обезбеди втора фаза на СП, а со Шпанија ќе се бори за првото место.