Што се случува со Барселона: Нант ги откажа Каталонците и остана главен ривал на Вардар

Со победата од 29:25 против Барселона екипата на Нант останува единствениот конкурент на Вардар за првото место во групата А и директен пласман во четврт-финалето од Лигата на шампионите. Овој резултат дефинитивно одговараза и за Вардар бидејќи еден силен противник е откажан и неговите шанси за првото место сега останаа само теорија.

300x250

Светскиот првак беше на колена многу пред крајот на средбата во Франција бидејќи Нант имаше целосна контрола во најголемиот дел од мечот. Барселона долго ја бараше играта, но не успеа да се снајде, па во првото полувреме имаше негатива од пет гола. На одмор Нант замина со 16:11, по што во вториот дел само се чуваше предноста.

Голем удел во оваа победа имаше голманот Думулин кој успеа да одбрани околу 50 проценти од ударите на гостите, додека Кире Лазаров успеа да постигне еден гол против својот поранешен тим и против колегата од репрезентацијата на Македонија, Борко Ристовски.

Ова е веќе трети пораз за Барселона на гостувањата сезонава. После загубените пресметки против Вардар и ПИК Сегед сега загуби и од Нант, па Барса ќе има тешка ситуација за да дојде и до 2. место во групата А. Првото е веќе загубено, па само теоријата го остава со некакви минимални шанси.