Штербик: Не е лесно да го победите Веспрем на пријателски натпревар, а камоли во финале

Македонскиот првак во интересен натпревар го совлада унгарскиот првак Веспрем и ја освои третата СЕХА титула. Во финалето на регионалната лига во спортскиот комплекс „Викторија“ во Брест, вардарци победија против Веспрем со конечен резултат  26-21 и успешно ја затворија СЕХА сезоната. Голманот Арпад Штербик имаше одлично издание и практично го откажа противникот во моментите кога можеше да се доближи резултатски.

„Минатата сезона игравме добро, но во финалето ја зафркнавме работата. Сега дојдовме со желба да го победиме Веспрем. Најпрво се боревме за влез во Ф4 турнирот, по што се боревме и го освоивме. Сега не чека Фленсбург, тоа е еден од најдобрите тимови во светот. Комплетни се, знаат што играат и што сакаат. Првиот меч е за две недели, се надевам дека ќе го подигнеме нивото и ќе играме уште подобро. Имавме поголема желба од нив денеска, Веспрем малку се штедеше бидејќи наредната недела играат во финалето на унгарскиот Куп. Не е лесно да го победите Веспрем на пријателски натпревар, а камоли пак во финале.“ – изјави Штербик.