Штербик немаше ден, Монпелје лесно го совлада Веспрем

Екипата на Монпелје е единствената која оствари две победи во натпреварите од разигрувањето на турнирот во Стразбур и утре во финалето ќе игра против составот на ПСЖ.

Монпелје го совлада составот на Веспрем со 30:26 и тоа во натпревар во кој доминираше од почетокот до крајот. Актуелниот освојувач на Лигата на шампионите дојде до предност од 7:1 на стартот. Овој резултат беше најава за победа бидејќи Веспрем не можеше да следи.

Арпад Штербик не можеше да помогне многу, а мечот го заврши со две одбрани, додека неговиот партнер на голот Миклер имаше четири. Затоа Жерард имаше 12 и во многу помогна во победата.

На полувреме резултатот беше 15:9, а потоа во вториот дел темпото опадна, но Монпелје успеа да ја задржи предноста и да победи со 30:26.

На оваа средба Дејан Манасков имаше добра партија и постигна три гола од четири удари. Сепак, после овој пораз Веспрем остана на 2. позиција во групата и утре ќе игра во битката за 3. место против екипата на Мешков Брест.