Шок за Ристовски и каталонците: Барса загуби бод во Асобал по 1663 дена!

Долго време ракометарите на Барселона немаа загубено бод во Асобал лигата. Но на секоја серија некогаш и доаѓа крајот, а тимот на Гвадлахара беше тој што ги спречи Ристовски и каталонците да ја продолжат серијата без загубен бод.

Мечот заврши 26:26, а Барселона може и да е среќна што на крајот не загуби, бидејќи Гвадалахара водеше со 26:25 во последната минута. Борко Ристовски имаше 6 одбрани, исто колку и неговиот колега Де Варгас. Не беше никој расположен за голови. На пример Дика Мем имаше 1 од 7, Н’гесан имаше 4/11, а на спротивната страна ветеранот Хозе Омбрадос беше еден од клучните ликови, и забележа 17 одбрани.

Барселона цели три сезони немаше пораз или загубен бод во Асобал лигата, а ова се случува по цели 1663 денови, кога за последен пат каталонците загубија на гостувањето кај тогаш силната Ла Риоха на 18 мај 2013 година со 33:31.