Шок за Радичевиќ и Црна Гора, загубија од Јапонија!

По убедливата победа над Данска, како и поразот од Русија, Црна Гора изненадувачки загуби од аутсајдерот Јапонија на Мундијалот во Германија со 28:29. Иако во првиот дел имаа повеќе од играта и водеа со плус 4, сепак избраничките на Јохансон на крајот мораа да се помират со пораз.

Водеше Црна Гора и со 10:6, па 11:7. До крајот на полувремето остана 15:12 со голот на Јованка Радичевиќ. Сепак никој не можеше да претпостави дека се подготвува изненадување во Олденбург. Вардарката погоди за 20:18 и доби казна од две минути, па тоа го искористи азискиот противник.

Јапонија со серијата од 3 голови стигна до 20:21  што беше прво нивно водство, но подоцна се одлепија и на 22:25 преку Икехара. Откако Грбиќ израмни на 26:26, се играше гол за гол до 28:28, пред Јокушима да погоди за 28:29.

Црна Гора го имаше последниот напад за реми, но заврши на контроверзен начин, бидејќи Јапонките ја вратија топката на голманката во казнениот простор, се чини намерно. Судиите мислеа поинаку, па го исклучија црногорскиот селектор Јохансон. Црна Гора ќе мора да се вади утре против Тунис.

Фото: ekstrabladet.dk