Шок во Веспрем арена: Кил го уништи супертимот на Дејвис и ја поведе трката за Келн

Во натпреварот на неделата во второто коло според ЕХФ се сретнаа Веспрем и Кил дуелот го добија гостите од Германија 37:31. Кил имаше добар почеток, мечот го отвори со 3:0 и успешно ја одржуваше предността до 14. минута кога домашните стигнаа до израмнување 6:6.

Многу брзо повторно водството беше на страна на гостите. Промашувањата на Веспрем брзо ги казнуваше Кил и во 28. минута имаше највисоки 15:10. Сепак на полувреме беше 13:16.

Второто полувреме започна тензично, во составот на Веспрем беше видлива нервозата. На секоја одлука на судиите имаа приговор, Кил тоа вешто го користеше и преку контри релизираше.

На голот Ландин имаше одличен настап и беше еден од најзаслужните за победата. Веспрем во второто полувреме  ниту еднаш не го загрози водството на противникот и мораше да се помири со пораз.

Дејан Манасков одигра едно полувреме и не успеа да постигне гол од четири обиди, слично како и Мануел Штрлек кој не се прослави во двобојот со Никлас Ландин. Најдобри стрелци кај Веспрем беа Нилсон и Јахиа со по пет голови, додека со осум погодоци се истакна Рајнкинд кај Кил.