Шведска репрезентативка ја завршува кариерата за да го смени полот! (ФОТО)

Ракометарката на Флери и репрезентативка на Шведска одлучи да стави крај на својата кариера иако има 26 години. Луиз Санд одлучи да прекине со играњето ракомет поради несекојдневна причина, а таа е промена на полот.

Таа веќе го раскинала договорот со нејзиниот клуб, а после повеќе од 100 меча во дресот на Шведска ги остава своите колешки без нејзина помош во националниот тим.

„Постои причина зошто се одлучив на ваков потег. Се надевам дека сите ќе ја разберат оваа причина и ќе ја почитуваат мојата одлука. Сега е време да го живеам вистински мојот живот. Во последно време се чувствував премногу лошо и знаев што е причината. Родена сум во погрешно тело. Никогаш не сум се гледала како некоја позната личност, но сега кога се истакнуваат работите јасно ми е дека ова нема да помине надвор од очите на јавноста. Меѓутоа одлучив да свртам нов лист и ќе го преживеам тоа“, вели Санд.

Со оглед на тоа што е една од најдобрите ракометарки на Шведска, немаше како да го скрие сето ова од јавноста.

„Поради тоа што сум присутна во јавноста одлучив на ваков начин да ги надминам работите. Доколку се работеше за некоја анонимна 26 годишна девојка која сака да стане маж немаше да има ништо чудно. Меѓутоа мојата трансформација нема да остане незабележана. Едноставно мораше да се случи. Имаше денови кога си го поставував прашањето зошто сум била ваква. Сепак, немам избор. Сега ми претстои тешко време и долг процес, но се чувствувам 100 проценти подобро поради животот кој го одбрав. Отсекогаш сум се чувствувал подобро како Луи отколку како Луиз“, коментира сега веќе поранешната репрезентативка и ракометарка, која во иднина ќе се вика Луи Санд.

Инаку, девојката со која Санд се бакнува на фотографијата е фудбалерка од Шведска.