Шокантен пораз за фаворитот за титула: Стружанка го суреди Куманово!

Тимот на Металург доби огромна услуга од ракометарките на Стружанка, кои му го нанесоа првиот пораз на Куманово во Женската лига со 21-20, па сега тимот од Автокоманда е осамен на врвот со максимален број победи.

Натпреварот пред речиси полни трибини во Струга започна во полза на домаќинките, кои го отворија резултатот со 5-1, но гостинките набрзина се вратија резултатски во натпреварот и на полувреме заминаа со минимално водство со резултат од 7-8.

Стружанка умешно ја чуваше предноста цело второ полувреме и не дозволи гостите да се израдуваат. Во финишот се играше доста грубо, имаше и исклучувања и повеќе неспортски прекшоци. Домаќинките добија два црвени картони, па најпрво Јоноска, а на дваесетина секунди до крајот и Затуроска, мораа да се преселат на трибините.

Кумановки израмнија на 18-18 и најавија драма во последните неколку минути. Домашната голманка Митоска бранеше одлично и не дозволи гостинско водство. Јованоска и Затуроска погодија за 21-19 и веќе победникот беше решен. Пеовска само ги постави конечните 21-20.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Јованоска со 11 погодоци, додека Затуроска даде пет, а кај гостинките се истакнаа Дабевска со шест, како и Боризовска и Пеовска, кои постигнаа по три погодоци.