Шего демантира: Не доаѓам во Вардар!

Хрватска стартуваше со победа над Исланд со 31-27 во првото коло од Мундијалот во Германија и Данска. Одличен на голот на „каубоите“ беше голманот Марин Шего со 12 интервенции, кој вели дека натпреварот бил многу интересен и за играње.

„Натпреварот беше одличен, занимлив. Водевме ние два три голови разлика, водеа и тие, но покажавме карактер и се вративме во натпреварот“, вели Шего.

На вториот ден од СП се случија неколку изненадувања, но Шего вели дека Бахреин тешко ќе ги изненади другите тимови од нашата група.

„Денеска сите играат ракомет, изненадувања се случувале и во Лигата на шампионите и на ЕП и СП да победи понеквалитетната или послабата екипа. Треба да се даде максимум против сите за да немаме проблеми“, продолжи Шего.

Актуелно е неговото заминување од ПИК Сегед, а како една од можните дестинации се споменуваше Вардар. Сепак нема ништо од тоа, па Шего најверојатно ќе заврши во Монпелје.

„Можам да откријам дека мојот нов клуб нема да биде Вардар“, заврши Шего.

Хрватска во второто коло ќе игра против Јапонија, додека во третото коло против Македонија.