Шампионот ќе ја памети 2017 по ЛШ: Вардар одигра 19 средби, а загуби само една

Лигата на шампионите во машка конкуренција денеска финишира за 2017 година со средбите од 10. коло во групите Ц и Д. Без разлика што ќе се случи останува јасно дека Вардар ја одбележа оваа година, не само поради фактот што ја освоија титулата туку и поради тоа што на 19 одиграни натпревари во Лигата на шампионите забележаа 16 победи, два нерешени резултати и само еден пораз.

Вардар играше неверојатно во 2017 година, а особено неверојатно откако обезбеди директен пласман во четврт-финалето од ЛШ уште во минатата сезона. Момците не знаат за пораз од 4 март кога беа поразени на гостувањето кај Брест Мешков со 26:30.

Бројките зад Вардар во 2017 година се неверојатни. Одиграни се 19 меча. Од нив десет се во сезоната 2017/2018. Онака како што беше финиширана групната фаза од 2016/2017, така беше завршена и годината но во новата сезона. Вардар е убедливо на првото место и оди кон тоа вторпат по ред да обезбеди директен пласман во четврт-финалето. Одбраната е таа која сезонава игра на едно повисоко ниво и едноставно ги уништува противниците.

На 19 средби Вардар постигна 523 гола, а тоа во просек е 27,5 гола. Примени се 453 погодоци или во просек 23,8. Ова се бројки со кои ретко кој може да се пофали последните години, а годинава никој не е ниту близу.

Два тима на овие 19 натпревари успеаја да го наполнат голот на Вардар односно да реализираат по 30 гола. Првиот беше Целје на 25 февруари, а вториот Брест Мешков на 4 март. Вториот тим тогаш забележа и победа.

Против Целје на истиот меч Вардар постигна и најмногу голови. Стигна до бројката од 35 гола. На другите дуели не дојде до оваа граница.

Вардар реализираше најмалку против Рајн Некар на 26 ноември. На средбата што се одигра минатата недела Вардар имаше 21 гол. Исто толку имаа и Германците, но тоа не е најмалиот број на голови кои се примени бидејќи вчера против Кристијанштад бројката застана на 15.

Ако се земат предвид само дадените и примените голови од оваа сезона Вардар има постигато 271 гол, а примено 224. Просекот е 27,1 и 22,4, а тоа е приближно до бројките коишто ги има и за целата година.

Според сето она што беше направено во периодот од 11 февруари до 2 декември останува да се сумира дека Вардар е единствениот тим во Европа кој во Лигата на шампионите забележа само еден пораз и делуваше незапирливо бидејќи сруши многу гиганти и подели огромен број на лекции.