Шампионот продолжува по старите навики: Ѓер подобар од Турингер на Саздовска

Екипата на Ѓер ја продолжи својата извонредна серија во Лигата на шампионите и вечерва славеше против Турингер каде игра Јована Саздовска со 31:28. Домашните ракометарки ја имаа улогата на фаворит на овој натпревар и истата ја оправдаа и покрај тоа што Турингер се покажа како „тврд орев“.

Во првиот дел натпреварот, Ѓер си обезбеди солидна предност. Истата, Турингер успеваше на моменти да ја намали, но не и да ја достигне со што минатогодишниот шампион со два голови предност замина на полувреме.

Вториот дел од натпреварот донесе и неколку неизвесности. Во еден период, гостинките го изедначија резултатот, па оттогаш па се до последните моменти се играше гол за гол. При крајот Турингер не искористи неколку напади што им овозможи на Ѓер да ги реализираат своите шанси и да го добијат овој дуел. Саздовска даде еден гол од четири обиди.

Ѓер во својата група има поволна ситуација и се наоѓа на првото место со три бодови повеќе од второпласираниот Крим. Турингер е на последното место без освоени поени, но се уште има шанси за место понатаму во најелитното европско клупско натпреварување.