Шампионот на СЕХА тргна лабаво, па го нокаутираше Железничар

Екипата на Вардар ја забележа и втората победа сезонава во СЕХА-лигата откако во 2. коло успеа да ја совлада екипата на Железничар со 35:20. Во најголемиот дел од средбата „црвено-црните“ имаа предност, но им беа потребни 20 минути за да влезат во мечот и да успеат да ги преземат работите под своја контрола.

Железничар влезе мотивирано во средбата, за разлика од Вардар кој почна премногу лабаво. Особено во нападот не одеше во посакуваниот ритам, а тоа допринесе за предност уште од почетокот во корист на гостите од Ниш. Тие после десет минути игра ја имаа и најголемата позитива од четири гола разлика кога поведоа со 9:5.

Откако Жељо отиде на ваква предност работите станаа алармантни во таборот на „црвено-црните“ и мораше да се тргне посериозно на теренот, а тоа брзо ги поправи работите. Во следните десет минути беа примени само два гола, а постигнати три и беше обезбеден резултат од 8:11. Тука беше пресвртницата бидејќи до крајот на првиот дел Вардар постигна шест гола, а не прими ниту еден и стигна до 14:11 на полувремето.

Почетокот на вториот дел донесе уште подобра игра. Со 4:0, Вардар стигна до 18:11 во 37 минута од средбата и ова беше серија од 10:0 за време од 17 минути кога практично и беше решен победникот на средбата. Во овие 17 минути тимот на Железничар немаше контраигра и не можеше никако да го најде патот до голот на Милосављев, па затоа сè во продолжение од мечот беше залудно.

До крајот разликата беше зголемена до 15 гола разлика, па конечните 35:20 беа слика на сето она што беше направено за 60 минути на теренот во кои Вардар се покажа како далеку подобар противник.

ВАРДАР – ЖЕЛЕЗНИЧАР            35:20 (14:11)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Милош Ражнатовиќ и Иван Павичевиќ од Црна Гора. Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

ВАРДАР: Милосављев (11 одб.), Кизиќ, Недановски 1/2, Поповски 4/5, Кристопанс 4/6, Мораеш 4/4, Карачиќ 3/5, Скубе3/3, Калараш 3/3, Чупиќ 4/7, Дибиров 4/7, Шишкарев, Борозан 1/7, Војводиќ, Кисељев 4/4, Мишевски.

Седмерци: 3/3, Исклучувања:

ЖЕЛЕЗНИЧАР: Михаљевиќ (10 одб.), Лазиќ, Јанковиќ, Миловановиќ 2/6, Сретеновиќ 0/3, Маџар, Милосављевиќ 0/1, Спасиќ 2/4, Савиќ 1/3, Бабиќ 0/1, Јевтиќ 6/7, Дамјановиќ 1/2, Чераниќ, Кљајиќ 3/3, Бандука 4/4, Кнежевиќ 1/5.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 12 мин.