Металург „пали“ мотори на 14 август, ќе се подготвува во Автокоманда, Пехчево и Србија

Македонскиот шампион подготовките за предизвиците во новата сезона ќе ги почне на 14 август, за кога е закажан првиот собир во Автокоманда. Но, во салата во Автокоманда, екипата ќе тренира само неколку дена, бидејќи од 18 до 24 август ќе ги продолжи подготовките во Пехчево.

Во периодот по 24 август, Металург во Србија ќе одигра две средби со екипата на Јагодина, а можни се и дополнителни средби со екипи на нашиот северен сосед. Металург ќе настапува во речиси идентичен состав со оној со кој ја освои шампионската титула во изминатата сезона.

Ќе недостасуваат само голманката Бисера Паскал и најверојатно десното крило Марија Гајиќ, кои своите кариери ќе ги продолжат во странство, а наскоро треба да бидат објавени и новите имиња во тимот.

Металург сезонава ќе настапува во домашните натпреварувања и во ЕХФ Купот, каде ќе почне од првото коло. Ждрепката за првото коло ќе се влече на 16 јули, а натпреварите ќе се играат на 7 или 8 и на 14 или 15 септември.