Шампионот како на посилен тренинг: Вардарци штедеа сили, но освоија нови бодови

Актуелниот првак во СЕХА-лигата одигра мирен меч во кој прими многу голови од Динамо Панчево, но успеа да го направи она коешто беше најважно. Вардар ги освои трите бода со победата од 42:32, а тоа беше седма победа во серија сезонава во Регионалната лига. Со оглед на тоа што немаше потреба да се форсира и требаше само да се одигра најдобро што може, Вардар го исполни она што го посакуваше, па ракометарите добија посилен тренинг пред дуелот против Рајн Некар в сабота.

Гостите од Србија видоа можност на почетокот на средбата за мала предност и успеаја да ја искористат. Вардар не притискаше доволно во одбраната, а тоа ракометарите на Динамо го користеа и успеаја после првите два напади да дојдат до предност од 2:0. Водеа со два разлика до 4:2 во 5. минута, а потоа имаа 5:4 и 7:6.

Вардар засили во одбрана, па почнаа и да се менуваат работите на теренот. Првото водство дојде во 13. минута при 8:7, а потоа Динамо успеа да израмни. Последен пат беше нерешено во 18. минута кога на семафорот стоеше 9:9, а тука конечно Вардар почна да ја зголемува предноста и немаше никаков проблем постојано да оди напред.

Динамо го користеше тоа што Вардар играше опуштено во одбрана и лесно доаѓаше до погодоци, но Вардар знаеше како да одигра кога беше најпотребно. Предноста се движеше од три до пет гола, а Вардар имаше целосна контрола иако лесно оставаше простор за голови на противникот.

На полувреме се замина со 20:17, но беше сосема извесно дека Вардар нема да има поголем проблем да си обезбеди нови бодови. Во продолжение разликата постојано се зголемуваше. Разликата во квалитет дојде до израз, а Вардар постојано беше во голема предност. Првпат дојде до двоцифрена разлика во 54. минута кога водеше со 38:28, па остана само да се доработи задачата.

Инаку, во второто полувреме немаше ништо ново во поглед на играта. Вардарци излегоа на терен со цел да обезбедат нови три бода и тоа го исполнуваа. Динамо користеше секогаш кога ќе имаше простор, но факт е дека Вардар можеше да победи и со далеку поголема разлика. Сепак, беше поважно да се заштедат силите и да се освојат бодовите, а „црвено-црните“ успеаја во тоа.

ВАРДАР – ДИНАМО ПАНЧЕВО  42:32 (20:17)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Македонија. Делегат: Ацо Николовски од Македонија.

ВАРДАР: Милиќ (2 одб.), Ѓорѓески (1 одб.), Стоилов, Недановски 4/6, Поповски 4/5, Криштопанс 4/6, Мораеш 3/4, Македа 3/3, Карачиќ 2/3, Кањелас 6/6, Чупиќ 6/8, Дибиров, Шишкарев, Војводиќ 3/5, Марсениќ 7/8.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 2 мин.

ДИНАМО ПАНЧЕВО: Радовановиќ (1 одб.), Петровиќ (3 одб.), Зујовиќ 1/1, Пилиповиќ 6/6, Буњевчевиќ 4/6, Стојановиќ 2/5, Јелиќ 3/3, Мирковиќ 3/4, Јовановиќ 1/1, Л. Павловиќ 0/1, М. Павловиќ, Дистол 2/2, Баруџиќ 1/1, Димитриќ, Бандука 1/1, Сапоњиќ 8/8.

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 4 мин.