ЧСМ добива екстра засилувања: Фрафјорд и Куртовиќ се селат кај европскиот првак

Откако ЧСМ Букурешт ги обезбеди услугите на најдобрата светска ракометарка во изборот на ИХФ, Кристина Неагу, европскиот првак објави дека е постигнат договор и со две ракометарки на Ларвик, пикерот Марит Фрафјорд и десниот бек Аманда Куртовиќ.

Во норвешкиот шампион се спрема голем ремонт, што поради повлекувањето на дел од ракометарките, што поради финансиската криза, па некои од најдобрите се во потрага по нови ангажмани.

„Чест ми е што ќе имам можност да играм во еден од најдобрите тимови во Европа. Едвај чекам да ја почнам да се борам за титули со ЧСМ. Среќна сум поради тоа што ќе отворам ново поглавје во кариерата.“ – изјави 25-годишната Аманда Куртовиќ, кој покрај на бековската позиција, подеднакво добро се снаоѓа и крило. Претходно ги носеше дресовите на Сандефјорд, Нордстранд, Бјасен, Опсал и Виборг.

„ЧСМ Букурешт е одличен тим со многу квалитетни ракометарки. Сакав нов предизвик во кариерата и едвај чекам да му се приклучам на тимот следната сезона.“ – изјави 31-годишната Фрафјорд, која долги години го носи дресот на норвешката селекција и беше дел од сите успеси.