Чиле загуби од Катар, и и закажа двобој на Македонија во Келн

Селекцијата на Катар дојде до победа од … против Чиле и на тој начин си избори место утре во дуелот за 13. позиција, а воедно им ги испрати ракометарите од Јужна Америка на двобој на Македонија. Чилеанците ќе бидат последниот предизвик за македонските репрезентативци на овој Мундијал и тоа ќе биде шанса со триумф и со 15. место да се финишира на шампионатот во Германија и во Данска.

Катар го реши натпреварот уште во првото полувреме. Тргна силно и офанзивно и во текот на сите 30 минути доминираше на теренот. Во ниту еден момент не беше оставен простор за селекцијата на Чиле да направи нешто, а разликата постојано се зголемуваше. Како одминуваше времето така стануваше јасно кој ќе дојде до победа на оваа средба. Постојано имаше игра која му носеше позитивен резултат на Катар, па десетте гола разлика на одмор беа доволни за да се дојде до победа.

На паузата беше 21:11 за Катар, а потоа во второто полувреме Чиле успеа да одигра во еден ритам и да дојде до задржување на негативата од десет гола за лконечни 37:27 во корист на Катарците.

Јусуф Али со осум гола и Франкис Марзо со шест беа најефикасните во редовите на Катар, додека Ервин Фојхтман со седум гола и денеска беше прв стрелец во редовите на Чиле.

Со ова Катар утре од 15:30 часот ќе игра против селекцијата на Русија, додека Чиле против Македонија ќе се бори за 15. позиција од 13 часот. Инаку, Чиле и Македонија веќе имаат играно на Мундијалите и тоа во 2013 година кога Македонија победи со 30:28.