Четири желби – еден трофеј: Битола е епицентар на македонскиот ракомет

Спортската сала „Младост“ во Битола овие два дена ќе биде домаќин на завршницата во Купот на Македонија. Еурофарм Работник, како и Вардар, Охрид и Металург, се четирите екипи кои ќе се борат за трофејот. Вардар веќе може да се прогласи за шампион, а останува да се види дали и трет пат во серија ќе освои двојна круна.

Во првиот полуфинален дуел ќе се сретнат домаќинот Еурофарм Работник и Охрид. Тимот на Андон Бошковски за првпат во клупската историја ќе игра на завршницата во Купот. Противник  е тимот предводен од Горан Андоновски, кој игра одлично оваа сезона и обезбеди настап во европските купови. Можеби само поради домашниот терен мал фаворит е составот на Работник, но нема сомнеж дека охриѓани ќе се обидат да одат чекор напред во споредба со лани кога загубија во полуфиналето од Вардар.

Двата најголеми ривали Вардар и Металург, ќе се соочат во второто полуфинале. Металург има пет титули во Купот, но последната ја има освоено во 2013 година. Доколку слави Вардар на овој натпревар ќе игра во финалето и ќе се бори за третата двојна круна. Последниот дуел во шампионатот покажа голема разлика во квалитетот, но веројатно сега ќе гледме поизедначен дуел. Вардар покажа дека и со половина сили може убедливо да ги победи сите македонски екипи, а Червар сигурно нема да сака вторпат по ред да губи со висока разлика, па ќе се обиде да ги мотивира своите играчи да се прикажата во подобро издание.

Првиот полуфинален дуел меѓу Работник и Охрид се игра со почеток во 17:30 часот, додека второто меѓу Вардар и Металург е во централниот термин од 20:30 часот.