Четвртина од составот на Македонија за октомвриските дуели од Еурофарм Работник

Од понеделник репрезентацијата на Македонија ќе има еднонеделни активности во кои ќе треба да одработи два натпревари од квалификациите за Европското првенство во 2020 година. Првиот дуел е в четврток во Битола против селекцијата на Турција од 20:15 часот, додека вториот меч е против Грција од 16 часот в недела.

Денешното објавување на скратениот список стави до знаење кои 20 играчи ќе бидат во комбинација за настап. Има четири голмани и уште 16 играчи во поле и од нив четворица ќе бидат прекубројни, но сите ќе бидат во комбинација за настап до последен момент.

После подолго време еден тим кој се натпреварува во домашното првенство односно не игра во СЕХА доби дури пет места на скратениот список. Еурофарм Работник има дури пет репрезентативци со што е тимот кој доминира во националниот тим на Македонија. Филип Кузмановски, Филип Чурлевски, Горан Крстевски, Никола Маркоски и Гоце Ојлески се петте ракометари кои в четврток ќе бидат практично на домашен терен.

Ова е првпат после подолго време Вардар или Металург да не бидат тимовите кои даваат најголем број на ракометари. После подолг период репрезентацијата се враќа в Битола и ќе игра во салата „Боро Чурлевски“, а исто така после подолго време една екипа од Битола има најмногу репрезентативци. Овој пат не е тоа Пелистер како што се сите навикнати да биде, но и Еурофарм Работник е тим кој покажува квалитет, па сосема оправдано доби место со свои ракометари во националниот состав на Македонија.

И на двете средби следната недела Македонија е фаворит, па ова ќе биде навистина интересна седмица во која ќе има два дуела во Битола и во Кожани.