Червар повеќе не сака „полицајци“ во репрезентација

Селекторот на Хрватска, Лино Червар после продолжувањето на договорот за работа во националниот тим со интересни коментари се најде во медиумите во својата земја. Тој вели дека избрзал со изјавата дека повеќе нема да работи во репрезентацијата, а воедно информира и дека знае дека Хрватска може да стигне до ново финале на големите натпреварувања.

„После натпреварите против Франција и Чешка реков дека е време за некој друг. Сепак, после проспиената ноќ се премислив. Одлучив дека треба да се обидам уште еднаш. Што можам. Го сакам ракометот. Верувам дека со овие момци можеме одново да играме во финале на едно големо натпреварување“, коментира Червар за хрватските медиуми.

Покрај ова вели и дека мора да се најдат замени за оние кои одлучија да се пензионираат. Алиловиќ, Вори, Чупиќ… повеќе нема да бидат дел од националниот тим. Сепак, Лино има и една поинаква замисла во која смета дека повеќе нема место за играчи кои се специјалци за игра во одбрана или за игра во напад.

„Мораме да бараме играчи кои играат подеднакво добро во нападот и во одбраната. Повеќе не ми требаат ’полицајци’ кои играат само во одбрана. Денешниот модерен ракомет бара да се игра брзо и не смееме да трошиме време на постојани замени“, вели Червар, кој ќе ја води Хрватска и во баражот за Мундијалот во 2019 година.