Червар не мисли на Македонија

Хрватска славеше над Исланд со 31-27 во првото коло од Мундијалот во Германија и Данска, во меч со многу осцилации. Иако имаа +4 момците на Лино Червар, дозволија „рибарите“ да се вратат во мечот, па дури и да поведат.

Сепак Червар вели дека победата е заслужена.

„Честитки за играта на Исланд. Ние знаевме и пред натпреварот дека ќе биде тежок, а така и се покажа. Во вториот дел ја поправивме одбраната, но морам да го пофалам целиот тим. Многу важна победа, која ќе ни даде патоказ за понатаму“, вели Червар.

Неговите „каубои“ ќе се соочат и против нашата селекција, на која тој беше селектор пред две години на СП во Франција.

„Македонија има многу добар тим, ги почтувам сите и денеска покажаа многу добра игра, но понеделник е далеку. Ние сега играме со Јапонија, па потоа ќе играме со Македонија“, вели Червар.

Натпреварот меѓу Македонија и Хрватска се игра в понеделник со почеток во 18:00 часот.