Червар: Најтешката група може да биде лесна ако играме добро

Македонскиот вицепрвак Металург ќе игра во групата Д од групната фаза во Лигата на шампионите, заедно со екипите на Монпелје, Мотор Запорожје, Бешикташ, Чеховски Медведи и со победникот од квалификацискиот турнир на кој за последното слободно место ќе се борат екипите на Спортинг Лисабон, Татран Прешов, Кокс и Алпла Хард. Шефот на стручниот штаб на Металург, Лино Червар е задоволен од исходот на ждрепката.

Задоволен сум од ждрепката, иако можеше да биде и подобра. Во суштина, се зависи од нас, од нашата подготвеност и од нашата сериозност. Ако сме ние добри, ако сме подготвени и играме добро, тогаш и најтешката група е лесна. И обратно, ако ние не чинеме тогаш и најлесната група е тешка. Во групата има неколку многу квалитетни противници и тука првенствено би ги навел екипите на Монпелје и на Мотор Запорожје, но секако не се за потценување и останатите. На почетокот на август ќе ги почнеме подготовките во Скопје и во Маврово, а потоа ќе учествуваме на турнирот во Струга. Потоа стартува СЕХА Лигата и тогаш ќе биде многу појасно во каква кондиција ќе бидеме и како ќе го дочекаме почетокот на групната фаза во Лигата на шампионите.“ – изјави Лино Червар.