Червар доби наследник: Тамше ќе го предводи ППД Загреб

Хрватскиот шампион по турбулентната полусезона во која за прв пат беше поразен од конкурентот во домашниот шампионат Нексе се чини полека ги стабилизира своите редови. Откако тренерот Червар пред речиси еден месец најави дека заминува од клупата на ППД Загреб, челниците на клубот беа во интензивна потрага по негов наследник.

Според информациите до кои дојде 24Ракомет, на вториот ден од новата 2019 година потрагата по нов тренер и официјално е завршена. Во иднина клубот ќе го гради својот имиџ со словенечкиот тренер Бранко Тамше. Тамше важи за еден од најперспективните ракометни експерти. Своите тренерски квалитети ги покажуваше со екипата на Горење, а во изминативе пет години и во словенечкиот првак Целје. Тој ќе го замени Лино Червар на клупата на хрватскиот првак ППД Загреб.

Бранко Тамше по заминувањето од Целје се поврзуваше со неколку европски клубови, но на крајот своето интернационално искуство се одлучи да го гради во соседна Хрватска, кај некогашниот ракометен гигант ППД Загреб.

Словенецот Тамше е познат по неговите тренерски квалитети но и по препознавање таленти и создавање ракометни ѕвезди, а на челниците на хрватскиот шампион тоа сигурно ќе им биде дел од приоритетите за наредните сезони.