Червар ги повика Карачиќ и Јагањац, Дувњак се враќа во националниот тим

Поранешниот стратег на Металург, а сегашен на Загреб – Лино Червар го објави поширокиот список од 28 ракометари на кои ќе смета за првите два квалификациски дуели за пласман на Европското првенство во 2020 година кое ќе се одржи во Норвешка, Австрија и Шведска.

Червар го врати во националниот тим ракометарот на Кил, Домагој Дувњак, кој ги пропушти последните репрезентативни акции, а на списокот има и двајца ракометари што играат во македонските клубови.

Станува збор за плејмејкерот на Вардар – Игор Карачиќ и левиот бек на Металург, Халил Јагањац. Ако се погледнат составите од претходните акции на националниот тим на Хрватска, тогаш двајцата би требало да се најдат и на скратениот список.

Червар исто така го повика и поранешниот ракометар на „црвено-црните“ – Лука Циндриќ. Хрватска ќе се сретне со Белгија и со Швајцарија во првите две средби, а во групата се наоѓа и репрезентацијата на Србија.