Челинџ Куп: Куманово на испит против холандскиот Геониус

Ракометарките на Куманово денеска и утре ќе ги одиграат двата натпревари од третото коло во Челинџ Купот, а противник на кумановки ќе биде холандскиот претставник Геониус Гален. Оваа екипа е моментално второпласирана во холандското првенство, а избраничките на тренерот Зоран Јосимовски се први во Женската лига, што значи дека не очекува квалитетен и интересен меч во кој двата тима ќе се трудат за победа.

„Се работи за прилично силен состав. Ние нема што да изгубиме, ќе дадеме максимум и ќе пробаме на некој начин да ги поминеме и можеби да обезбедиме учество во следното коло. Дефинитивно типичен ракомет за холандска екипа, брз ефективен, со многу шутеви, без застанување, воедно и недоволно тактички спремни, можеби тука треба да гледаме простор каде ќе можеме да доминираме и бараме место за успех“, изјави тренерот Јосимовски за Кумановски Муабети.

Македонската репрезентативка Александра Боризовска ја повика публиката на помош за овие два натпревари.

„Ги анализиравме деновиве. Ги гледаме нивните слабости, што можеме да искористиме како предност и мислам дека ќе биде добар натпревар. Ги повикувам сите што сакаат, што се во можност да гледаат, бидејќи многу ни значи нивната поддршка како играч плус за да оствариме една убава победа и да продолжиме понатаму во Челинџ Купот“, изјави Боризовска.

Засега е непознато дали Црногорката Ана Шарановиќ ќе настапи против Геониус со оглед на повредата со која се здобила на тренинг. Двата меча се играат во градската сала во Куманово, денеска и утре со почеток во 18:00 часот.

Фото: kumanovskimuabeti.mk