Чекајќи го Еурофарм: Пелистер тргна со подготовки, Зарков е нов тренер!

Ракометарите на Пелистер, последни од сите суперлигаши, денеска ги започнаа подготовките за претстојната сезона. Александар Зарков ја изврши прозивката на која беа присутни сите битолски играчи што го носеа дресот на Пелистер во минатата сезона, меѓу кои и капитенот Васко Димитровски, потоа Кире Митревски, Стефан Дрогришки, Иван Димитровски, Мартин Јовановски и дел од младинската екипа.

Компанија Еурофарм требаше по Илинденски празници и официјално да го добие мнозинскиот пакет акции во Пелистер, бидејќи беше постигнат договор, но тоа не се случи до денеска. Сепак нема многу време за губење, па ракометарите што би биле дел од Пелистер мораше да ги почнат подготовките на околу месец дена до стартот на Суперлигата. Нив ќе им се приклучат и дел од играчите на кои нема да сметаат во Еурофарм Работник.

На последната седница на Општина Битола на 1 август беше најавено дека името Пелистер би требало да биде составен дел од двата клуба и дека годишниот буџет на „посилниот“ клуб ќе биде најмалку 60 милиони денари или 1 милион евра. Еурофарм Пелистер во претстојната сезона би играл во сино-бели дресови, на кои ќе биде грбот на Пелистер, додека од наредната сезона ќе има две гарнитури, сино-бели и зелено-бели.

Дали и кога ќе заврши „шпанската серија“ за битолските клубови, останува да видиме во следниот период.