Чаневски и Работник го најдоа лекот за Пелистер

Ракометарите на Еурофарм Работник за првпат сезонава ја почувствуваа радоста во градското дерби. Избраниците на Андон Бошковски по двата порази од Пелистер во регуларниот дел од сезоната, славеа во првиот меѓусебен дуел од плеј-офот со 26-25. Херојот на натпреварот е голманот Градимир Чаневски кој го одбрани пеналот на Николиќ во последните секунди од овој меч.

Во првото полувреме се играше најчесто гол за гол и имаше дури 12 израмнувања на резултатот. Ниту една од двете екипи не беше во водство поголемо од 2 голa. Одличните беа голманите на двете страни, а Еурофарм Работник во продолжение играше без столбот на одбраната Фарук Мемиќ, кој доби директен црвен картон поради ненамерен груб прекршок. Токму и конечниот резултат од 12-12 ја отслика состојбата на теренот во воведните триесет минути.

По паузата продолжи неизвесната игра во која Работник ја имаше иницијативата и минималната предност. Повторно голманите на двете екипи беа одлични и затоа по пет минути игра беше постигнат по еден гол на двете страни. Во 39та минута Мајнов беше прецизен од пенал линијата за 16-15, а младиот Дарио Петровски за прв пат во вториот дел донесе разлика од +2 за Работник (17-15). Изедначената игра им овозможи на ракометарите на Пелистер да искористат неколку грешки во нападот на Работник и со брзи три погодоци во средината на вториот дел повторно да се вратат во водство (19-20).

По 50 одиграни минути, Пелистер дојде до првите два гола предност (20-22) што беше сигнал за тајм-аут на клупата на Еурофарм. Но по минутата одмор работите на терен не се променија, a Пелистер дојде и до три погодока предност за 21-24. Во финишот на натпреварот две грешки на Пелистер, ракометарите на Еурофарм веднаш ги претворија во погодоци и ја вратија неизесноста на овој меч, за во 56та минута Барос повторно да го изедначи натпреварот. На спротивната страна Чаневски имаше блескава партија и им овозможи на своите соиграчи во самиот финиш повторно да ја вратат предноста овојпат при резултат 25-24.

Николиќ израмни на 25-25 и ја врати неизвесноста, а во следниот напад возврати Барос за 26-25 и минимална предност за избраниците на Андон Бошковски. Во возбудливите секунди до крајот на натпреварот, најпрво Вујачиќ се обиде да израмни резултатот, но неговиот удар беше лесен плен за Чаневски, потоа и младиот репрезентативен голман Даниловски ги покажа своите вештини и им овозможи последна шанса на своите соиграчи да заминат со бод од битолскиот дуел. Пелистер имаше пенал вреден бод, но играчот на натпреварот Градимир Чаневски, му го одбрани ударот на Богдан Николиќ за конечни 26-25, за првите два бода на контото на Еурофарм Работник во дуелите со градскиот ривал.

Барос го предводеше нападот на Еурофарм Работник со 7 погодоци, по 4 постигнаа Чурлевски и Крстевски, додека Мајнов кој го напушти теренот поради повреда во средината на вториот дел беше прецизен три пати. Кај Пелистер Богдан Николиќ имаше седум прецизни удари, го следеше Васко Димитровски со 5, а Чантурија и Везенковски постигнаа по три.

Двете екипи својот следен дуел може да го имаат веќе во сабота доколку обезбедат пласман во финалето на четвртфиналната група од Купот на Македонија, чии домаќин е Еурофарм Работник.