Чави Пасквал најави нова филозофија во Барса во походот по нови титули

Екипата на Барселона во новата сезона своите успеси ќе ги брка со проширен состав кој ќе им овозможи поголем простор за ротации, но и можност за побрза игра и со самото тоа филозофијата во главата на тренерот Чави Пасквал за играта во наредната сезона се менува.

Пасквал е тренер на Каталонците од 2009 година и оттогаш досега успеа да стане осумкратен лидер во шпанската Асобал лига, но исто така успеа да се закити со два трофеи од Лигата на шампионите, шест трофеи од Купот на кралот, осумкратен освојувач е на шпанскиот Супер куп и е трикратен светски клупски првак. Со неговото доаѓање клубот се издигна на едно сосема друго ниво, а од следната сезона веројатноста Барса да гази по трофејниот скалп е уште поголема.

Агенцијата за вести, ЕФЕ успеа да земе неколку изјави од тренерот на Барселона кој се огласи за можните промени во играта како и за целите кои тимот ги има за следната сезона.

„Имаме повеќе луѓе во тимот и со самото тоа ќе има промени во филозофијата, кои ќе бидат пред сè на играчки план“, изјавува Чави Пасквал и додава дека играчите се многу фокусирани и дека конкуренцијата што ја имаат дополнително ќе им го подигне нивото.

Од неодамна тимот започна со подготовките за следната сезона, а својот прв тест е на календарот веќе во Недела кога Рајн Некар Левен како увертира за првото коло од Лигата на шампионите ќе ги тестира силите против Барселона во пријателски натпревар. Токму новата филозофија на тренерот Паквал ќе биде изложена на овој прв пријателски натпревар.

„Со самото тоа што имаме поголем број на играчи во ростерот добиваме и можност повеќе да ротираме, но и да трчаме повеќе, а токму ова е нешто што ни недостасуваше во претходните сезони. Барселона секогаш цели кон највисокото место, но тоа го посакуваат и другите, па така ќе мораме да се бориме силно“, ја заврши изјавата, тренерот на шампионот на Шпанија.

Првото коло од Лигата на шампионите ја носи Барселона во Германија на дуел против Филип Талески и Рајн Некар Левен, а една седмица пред тоа Барселона го старува походот во Асобал лигата со натпревар против Алкобендас од каде што стартува загревањето за Супер глоуб турнирот во Катар кој се одржува од 16 до 19 октомври.