ЦСМ Букурешт иднината ја гледа во Хеле Томсен, данскиот стратег во јуни седнува на клупата на европскиот шампион

Романскиот и европски шампион ЧСМ Букурешт, наредната сезона ќе добие одлично засилување во поглед на тренерската позиција. Данскиот стратег, 46 годишната Хеле Томсен потпиша 2 годишен договор со романската екипа. Таа се обврза на верност почнувајќи следната натпреварувачка сезона, па се до летото 2019 година.

Томсен, воедно ќе ја задржи селекторската позиција на чело на холандската женска репрезентација, каде бележи одлични резултати. На минатото европско првенство во Шведска таа го освои сребрениот медал, додека пак на олимписките игри во Рио, холандската репрезентација заврши на четвртото место.

– Горда сум што еден од најдобрите европски клубови ме посакуваше токму мене. Возбудена сум што ќе бидам на клупата на ЧСМ Букурешт, почнувајќи од наредната сезона. Ова ќе биде ново поглавје во мојата   кариера, како дел од Букурешт и романскиот ракомет.-истакна Томсен.

Тренерската кариера ја започна во дански Холстебро, за потоа да мине четири години во Митјиланд (освои две титули во данскиот шампионат, една титула во данскион куп и една во европскиот куп на победници на куповите). Покрај селекторската позиција на холандската репрезентација, Хеле Томсен ја водеше и репрезентацијата на Шведска, со која на европското првенство во 2014 го освои бронзениот медал.

Со ваквиот потег, ЧСМ Букурешт го финализира составот за наредната сезона, а на доаѓањето на Хеле Томсен и претходат супер засилувањата во имињата на Кристина Неагу, Аманда Куртовиќ и Марит Фрафјорд.

Александар Треневски