Црногорците тврдат: Вуко Борозан немал сообраќајна несреќа!

Ракометарот на Вардар и најдобар црногорски играч за минатата година, Вуко Борозан, не доживеал сообраќајна несреќа, туку вистината е сосема поинаква. Според црногорските медиуми, Борозан паднал преку банкина покрај патот кога излегувал од автомобилот! Поради повредата од таа вечер, Борозан нема да игра на ЕП, па Црна Гора ќе биде значително ослабена на дуелите против нашата репрезентација, Словенија и Германија.

300x250

„Дежурната служба на Одделението за безбедност во Цетиње, ноќта на 18 декември, 2017 година во 1:55 часот, го извести дежурниот лекар во Брзата помош, дека кај нив е примен В.Б од Цетиње, со повреди во пределот на главата и дека по укажаната лекарска помош е упатен во болница на Одделението за Хирургија. На лице место е упатен полициски службеник, кој разговарал со лицето В.Б и неговиот татко П.Б. Тие соопштиле дека лицето В.Б се здобило со повреди, откако на магистралниот пат Цетиње – Подгорица, додека излегувал од автомобилот кој бил управуван од неговата вереница, паднал преку банкината покрај патот. Дежурниот лекар на Одделението за Хирургија во болницата во Цетиње му соопштил на полицискиот службеник дека се работи за лесни телесни повреди, што било забележано и во службениот извештај што го направила полицијата.“ – пишува во извештајот што колегите од црногорските медиуми го добиле од Управата на полицијата.

Црна Гора покрај отсуството на Борозан, ќе биде ослабена и за неиграњето на голманот Небојша Симиќ, па ќе има тешка задача да обезбеди пласман во вториот круг. Македонија и Црна Гора ќе играат на 15 јануари во Загреб.