Црногорскиот селектор го објави списокот за квалификации, Борозан повторно го нема!

Новиот селектор на Црна Гора – Зоран Рогановиќ, го објави поширокиот список од 28 ракометари за претстојните дуели со Фарски Острови и Украина, во рамките на квалификациите за Европското првенство, што ќе се игра во 2020 година во Шведска, Норвешка и Австрија.

На тој список го нема ракометарот на Вардар, Вуко Борозан, кој повторно пропушта репрезентативна акција. Веројатно ниту новиот селектор нема да може да смета во иднина на десноракиот бомбардер.

По подолго време во репрезентацијата го нема ниту голманот на ФТЦ кој порано играше за Металург – Раде Мијатовиќ, додека повратници се десниот бек Владан Липовина од Рајн Некар Левен и пикерот Бранко Канкараш од францускиот Истр. Искусниот левокрилен играч на Пелистер – Милан Поповиќ исто така се наоѓа на поширокиот список.

Поранешниот ракометар на Вардар, ќе дебитира на клупата на Црна Гора на 24 октомври во Подгорица против Фарски Острови, додека оваа селекција четири дена подоцна ќе и гостува на незгодната Украина.