„Црвено-црните“ со победа во Автокоманда ја спуштија завесата на оваа ракометна сезона

Македонскиот првак ја заврши сезоната со победа откако во Автокоманда беше поуспешен од Металург со 29-33 (15-19). Во натпревар кој немаше резултатско значење за двете екипи, публиката можеше да ужива во опуштен ракометен натпревар кој заврши во корист на учесникот на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.

300x250

Пред речиси исполнетите трибини во спортската сала во Автокоманда од своите соиграчи се прости македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски кој го менува Металург за Мотор Запорожје, додека на спротивната страна во дресот на Вардар својот последен натпревар го одиграа Лука Циндриќ, Мијајло Марсениќ, Жоан Канелјас и Хорхе Македа, а од трибините за последен пат ја имаа поддршката од Илија Абутовиќ и Арпад Штербик. Дуелот во Автокоманда затвори уште едно поглавје во „црвено-црната“ историја, откако Раул Гонзалез и Давид Дејвис ова лето ќе го напуштат Скопје, па Вардар продолжува со комплетно нов стручен штаб.

Металург го отвори резултатот на овој дуел, а ракометарите на Вардар успеаа да го скршат отпорот на домаќинот дури во финишот на првиот дел. Македонскиот првак имаше предност од пет голови, а на полувреме двете екипи заминаа со резултат 15-19 во корист на гостите.

Вториот дел продолжи со исто темпо, разликата од пет погодоци во второто се зголеми до „плус шест“, но Металург бргу успеа да ја намали во моментите кога Борозан доби прогресивна казна од четири минути исклучување, па во 42. минута резултатот на семафорот гласеше 23-25. Но во наредните пет минути со нова серија, македонскиот шампион се оддалечи на сигурни 24-30 и ја обезбеди својата последна победа. Во рутинирана завршница вардарци броеја до 33, додека Металург го зарши дуелот со 29 постигнати голови.

Најпрецизен на теренот беше Вања Илиќ со 6 погодоци, а го следеа Пешевски и Кузмановски и Токиќ со 5 погодоци. Кај Вардар, Кристопанс постигна 5 голови, додека Марсениќ запиша 4 голови зад своето име. Одлична партија одигра и македонскиот репрезентативец Мартин Томовски кој собра 13 одбрани.