Целје доби засилување од Србија

Екипата на Целје уште нема дадено потврда за учество во новата сезона од СЕХА-лигата, но веќе го засилува тимот, а најновото име доаѓа од Србија. Станува збор за Драшко Ненадиќ, играч кој има големо искуство од Бундес лигата каде што стигна и до титула шампион на Германија. Левиот бек потпиша договор до крајот на следната сезона со можност за продолжување за уште една.

300x250

Српскиот двометраш е одличен дефанзивен играч, а пред да му се придружи на Целје играше за Силкеборг. Има богата кариера особено во Бундес лигата каде што со Флензбург го освои најпрестижното европско натпреварување. Покрај поминатите две години во Флензбург играше уште по една сезона и во Хамбург и во Фуксе Берлин.

„Драшко е играч со големо интернационално искуство и на клупско и на репрезентативно ниво и во 2014 година стана европски првак со Флензбург и имаше важна улога во тимот. Баравме играч кој ќе може да игра исто добро и дефанзивно и агресивно и веруваме дека токму Драшко го има тоа. Тој ќе биде еден од најискусните играчи во тимот“, коментираше тренерот на Целје, Бранко Тамше.

Играчите на Целје подготовките за новата сезона ги почнуваат на 25 јули, а младинските репрезентативци: Кристијан Хоржен, Домен Макуч, Јосип Шарач и Бранко Вујовиќ ќе ги пропуштат првите тренинзи за новата сезона во која екипата на Целје ќе се обиде да ја одбрани титулата во домашниот шампионат. Тие ќе играат на Европското првенство, па подоцна ќе се придружат на работата на тимот.