Целје беше лесен плен за расположениот Вардар

Ракометарите на Вардар очигледно брзо го заборавија првиот пораз во Лигата на шампионите и се вратија на победничките патеки. Избраниците на Раул Гонзалес полесно од очекувањата славеа во пресметката со анемичниот словенечки првак Целје со убедливи 35:27.

300x250

Победникот беше решен уште во првиот дел кога вардарци практично му ставија до знаење на противикот дека нема што да бара во Скопје. „Црвено-рните“ го имаа и расположениот Милиќ на голот, па предноста на полувремето изнесуваше дури 10 голови, 20:10.

Во вториот дел практично ништо не се смени на теренот. Некаде до 37 минута Целје парираше и намали на 22:15 и пристојни минус 7, но потоа вардарци повторно почнаа да „мелат“ на теренот и немаше назад за Словенците, па мечот заврши со убедлива победа на домаќинот со 35:27.

Најдобар стрелец во вардаровиот тим беше Дибиров со 7 голови, а 6 голови од 6 обиди имаше Поповски, додека мора да се истакне одличната партија на Милиќ, кој забележа 14 интервенции. Кај Целје се истакна Мачковшек со 10 голови.

Следен предизвик за вардарци ќе биде натпреварот од Лигата на шампионите против ПИК Сегед.