Цветковски и Хелсингборг итаат кон Елитсериен

Македонскиот голман Јане Цветковски и неговиот Хелсингборг славеа на гостувањето кај Сканела со 19:22 во рамките на натпреварот од 21 коло во Алсвенскан Лигата и сега се осамени на врвот со големи шанси да играат во најквалитетната Елитсериен следната сезона.

Цветковски имаше голема заслуга за новата победа на Хелсингборг и забележа вкупно 15 одбрани. Посебно беше одличен во првиот дел кога домашниот тим постигна само 5 голови. Хелсингборг сега има 32 бодови на првата позиција, 2 бода повеќе од Онередс, Тиресо и Алстермо кои имаат 30 на 2, 3 и 4 позиција. Следен предизвик за Цветковски и неговиот тим ќе биде дуелот на домашен терен против Онередс.