Хмирова: Вардар и Шиофок не вреди да се споредуваат!

Руската интернационалка Татјана Хмирова од ЖРК Вардар се пресели во унгарскиот тим Шиофок, петтопласираниот тим од првенството. Таа не добива голема минутажа од норвешкиот стратег Тор Одвар Моен, но не знае зошто е тоа така.

„Не поминувам многу време на теренот. Не знам зошто е тоа така. Дури ни тренерот Моен не ми објаснува зошто не добивам шанса“, незадоволна е Хмирова.

Таа вели дека не може да се споредуваат нејзиниот претходен и сегашен клуб, Шиофок и Вардар.

„Па, Вардар секогаш беше учесник на завршните турнири во Лигата на шампионите. Тоа е доволен доказ за квалитет. А исто така и буџетот на македонскиот клуб беше многу повисок од овој на Шиофок. Тие се само петто место во Унгарија. Се разбира дека не вреди да се споредуваат двата европски тимови. Но, јас сум свесна за таквата одлука“, вели Хмирова.

Руската интернационалка вели дека сакала да се врати во Русија, но немала ниедна понуда оттаму.

„Да бидам искрена, сакав да се вратам. Си отидов во 2013 и се преселив во Скопје, па сакам да се вратам малку дома. Но немав ниту една понуда оттаму. Имаше интерес од тимови што играат во Лигата на шампионите од други држави, но тогаш одлучив дека понудата од Шиофок е оптимална“, заврши Хмирова.

Заедно со Хмирова во Шиофок настапува уште една поранешна вардарка, Андреа Кобетиќ, а унгарскиот тим викендов го игра првиот дуел од третото квалификациско коло во Купот на ЕХФ против руската Лада Тољати.