Хероите на Македонија: Што можете да очекувате на ова ЕП од ракометарите?

Селекторот на Македонија, Раул Гонзалес вчера мораше да се одлучи за 16 ракометари со кои ќе го почне Европското првенство, а тој се одлучи да им даде шанса на играчи кои се веќе проверени.

300x250

Изненадувањето беше тоа што Велко Маркоски ќе биде на трибините на дуелот против Словенија, но тоа не значи дека нема да се најде во тимот веќе на дуелот против Црна Гора в понеделник.

Се обидовме да дојдеме до она што може да се очекува од оние 16 играчи кои добија шанса од Раул според нивните перформанси и можности.

Борко Ристовски е голманот кој веќе долго време е избор број 1 за голот на Македонија. Брани во Барселона каде што тренирањето е на едно сосема поинакво ниво. Од него ќе зависи многу играта на Македонија, а се очекува одново да биде двигателот на нештата во одбраната.

Никола Митревски ја доби довербата од Раул за на голот и тој ќе биде партнер на Ристовски и секако ќе се обиде да ја искористи секоја шанса што ќе ја добие. Потребен и е на оваа репрезентација така што секоја одбрана ќе биде од голема вредност.

Дејан Манасков во последните неколку сезони редовно успева да биде меѓу поефикасните. Тој е играч кој зад себе веќе има солидно искуство и кој секогаш знаел како да им помогне на бековите. Неговите голови можат да бидат значајни особено ако се знае дека многу често знаел да ги завршува акциите.

Гоце Георгиевски имаше одлична игра на контролата против Србија кога имаше осум гола од осум шута. Ова е просек кој само може да се посака од играч на крилна позиција. Него му е лесно кога го има Кире Лазаров покрај себе, но мора и на првенството да ги користи сите шанси за шут кон противничкиот гол.

Мартин Поповски ја доби довербата на Раул. Ракометарот на Вардар сигурно ќе може да помогне во некои дело од играта кога ќе биде потребно Гоце Георгиевси да се одмори. Тој одлично ја знае работата на селекторот така што знае и што треба да направи доколку биде потребно.

Филип Талески веќе докажува дека израснува во лидер. Неговата задача во нападот е со одличен шут од далечина да навлече повеќе ракометари, а со тоа да отвори простор за Кире Лазаров. Доколку Талески бие прецизно тогаш ќе му биде лесно и на Кире, па противниците нема да знаат од кого да се чуваат.

Филип Лазаров во овој состав има специјална задача. И во Вардар го играше тоа и најчесто влегува во напад кога на теренот противникот има играч помалку. Тогаш од него се чека да проигра со некој од пикерите или сам да ја заврши акцијата.

Немања Прибак успеа да заздрави од повредата и дефинитивно ќе игра на мечот против Словенија. Неговото искуство е драгоцено и тој може да помогне и во нападот и во одбраната.

Филип Миркуловски и понатаму важи за еден од најголемите борци во оваа репрезентација. За него не треба да се зборува што може да се очекува. Тој сигурно и на овој шампионат ќе биде најборбениот.

Филип Кузмановски е играчот кој важи за голем малер бидејќи речиси редовно го следат повреди. Сепак, сега е добро подготвен и се очекува да добие поголема одговорност во играта и да биде вистинскиот на терен.

Кире Лазаров и на ова првенство се очекува да биде главниот голгетер. Рекордерот според бројот на голови и на ЕП и на СП повторно може да биде лидер во нападот. Иако на контролните средби беше во втор план денеска против Словенија очекуваме да торпедира од сите страни.

Мартин Велковски треба да биде еден од наследниците на Лазаров. Ќе чека шанса и ќе мора секоја минута што ќе ја добие максимално да ја искористи со оглед на тоа што Лазаров и понатаму е незаменлив дел од нападот.

Стојанче Стоилов е првиот избор за позицијата пикер, а веќе игра одлично и во напад и во одбрана, па останува само да ја потврди добрата форма за да дојде до посакуваниот резултат.

Никола Маркоски имаше добри подготовки и игра каква што може да се посака од еден селектор. Може да игра и во двата правци и тоа ќе треба да го демонстрира и на терен на ова ЕП.

Жарко Пешевски не игра одбрана, но затоа во нападот знае да биде корисен. Со неговата игра Македонија може да добие и затоа тој сигурно ќе ги добива своите минути на терен, но ќе треба истите да ги искористи максимално.

Ацо Јоноски во отсуство на Велко Маркоски (еден од тројцата ракометари кои се резерви) е главниот дефанзивец. Бескомпромисен борец кој секогаш играл со срце ќе треба уште еднаш да ја води Македонија кон што е можно помалку голови.