Херберт Милер со честитки: Загубивме од Вардар, единствениот тим со сите шест победи

Тренерот на гостинките, Херберт Милер имаше многу пофални зборови од Вардар и упати честитки на адреса на тимот кој ги доби сите дуели во оваа фаза од Лигата на шампионите.

„Екипата на Вардар заслужено дојде до победа на овој дуел. Тоа е единствената екипа која победи на сите шест средби во групната фаза. За разлика од првиот дел од средбата која ја изигравме нерешено во второто полувреме почнавме да играме со многу грешки. Имаше неколку акции во коишто буквално им ја подаривме топката в раце на ракометарките на Вардар коишто знаеја како да не казнат. Нашата тактика 7 на 6 не беше одработена како што треба. Не успеа да ни донесе резултат така што сега ни останува само да го почекаме резултатот од средбата меѓу Ларвик и Ференцварош“.

На прашањето зошто само со девет ракометарки на вака важен дуел во Лигата на шампионите, тој рече дека бил приморан на таква одлука.

„Три ракометарки се болни. Во Германија е доста студено и тоа ни е проблем за да можеме да сметаме на сите ракометарки. Од друга страна има и две ракометарки кои се повредени така што моравме да дојдеме во Скопје со само девет ракометарки“, изјави Херберт Милер.