Хановер за едно полувреме ги збриша Вецлар и Миркуловски

Во вториот полуфинален дуел од рамките на Германскиот ракометен куп, Хановер им одржа вистинска ракометна лекција на Вецлар и Миркуловски славејќи со 24-19 (15-4).

Само едно полувреме беше доволно Хановер да го завери пласманот во финалето. Миркуловски и соиграчите постигнаа само еден погодок за петнаесетина минути игра а вкупно четири за цело полувреме.  Каспер Мортенсен и Фабиан Бом искомбинираа вкупно девет погодоци и беа вистински лидери на Хановер кон убедливата предност на полувреме од 15-4.

Вториот дел беше чиста формалност, а ракометарите на Хановер рутински ја одржуваа високата предност. Вецлар неколкупати успеа да намали на -6, а Холст со својот прв погодок ги постави конечните 24-19.

Каспер Мортенсен и Каи Хефнер со по пет  голови беше најефикасни во екипата на Хановер. Во составот на Вецлар, Миркуловски не постигна погодок, а најефикасен беше Колбахер со пет погодоци.

По овој триумф Хановер обезбеди пласман во утрешното финале каде ќе ги одмери силите со актуелниот германски шампион, Рајн Некар Левен.