Халил Јагањац: Секој ден во Металург и во Скопје беше вистинско уживање

Ракометарот кој го одигра последниот натпревар за Металург, Халил Јагањац го имаше и својот последен прес во дресот на „металурзите“. Тој го кажа своето видување за сработеното на оваа средба против Татран Прешов на која одигра одлично во вторите 30 минути и успеа да постигне шест гола со кои практично беше откажан противникот.

„Ова беше многу емотивем натпревар за мене во дресот на Металург. Покажавме дека сме млад тим, но кога сè ќе се направи како треба тогаш може да се игра против секого. Македонија има светла иднина во младите ракометари. Би им се заблагодарил на сите играчи и тренерите со кои соработував во овој период во Металург. На секој натпревар дадов сè од себе за да се одолжам за довербата. Жал ми е што си заминува, но задоволен сум што ќе си одам со победа“, коментираше Јагањац.

Тој зборуваше и за она што му остави впечаток од претстојот во Скопје.

„Од првиот ден во Скопје ми беше преубаво и не можам да издвојам ништо. Од првиот ден бев прифатен како да сум дома. Се прилагодив брзо и имав одлична помош. Секој ден што го поминав овде беше уживање“, изјави репрезентативецот на Хрватска кој е веќе играч на Нексе.