Ф4 ривалот на Вардар пред титула во Франција

Составот на Монпелје со кој Вардар ќе се соочи во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн забележа победа на последниот тежок дуел во првенството, па се наоѓа на чекор од титулата во најсилната лига на Франција.

Монпелје го совлада тимот на Нант, кој исто така игра на Ф4 во Келн. Победата беше обезбедена со резултат 33:28, па со ова стана јасно дека Вардар го доби составот кој е во најдобра форма во моментов во Франција.

За победникот на овој дуел најмногу погодоци постигнаа Гигу и Ричардсон. Тие погодија по шестпати, додека петпати прецизни беа Симонет и Фабрегас. Голманот Винсен Жерар беше во рамки на својот просек со 14 одбрани.

Кире Лазаров имаше три гола за Нант на овој дуел, но тој и неговите колеги не можеа да го следат силниот ритам на Монпелје иако на почетокот на второто полувреме стигнаа до нерешени 17:17. Сепак, ритамот беше пресилен, па Монпелје само зададе уште еден удар и се најде уште поблизу до титулата во шампионатот на Франција.