Фуксе Берлин со ултиматум до Милосављев – мора да ослабне најмалку десет килограми!

Најдобриот голман од Лигата на шампионите во мината сезона и поранешен член на Вардар, Дејан Милосављев, се соочува со проблеми на стартот на подготовките со бундеслигашот Фуксе Берлин. Тој се појави на тренинзите со прекумерна тежина од 135 килограми, а веќе ги доби и првите критики за тоа од кондицискиот тренер, Карстен Корбрик.

„Секако дека неговата тежина му носи ризик за повреда на тренинзите што се прават во Бундес лигата. Сигурно дека нема да го натераме Дејан да се спушти под 100 килограми. Но за него и неговото здравје, ќе биде најдобро да намали барем десет“, вели Корбрик.

И тренерот Велимир Петковиќ имаше што да каже на оваа тема за Милосављев.

„Јас и Дејан разговаравме за неговата тежина. Но, искрено, не ме интересира како изгледа и колку тежи, најважно ми е да брани добро и да ја потврди констатацијата дека стана најдобар голман во Лигата на шампионите со таа тежина. Секако, нема да имам против да намали некој килограм“, вели Петковиќ.

Српскиот репрезентативец би можел да има слична приказна како Страхиња Милиќ во текот на минатото лето кога доби отказ од Вардар токму поради прекумерната тежина.