Франција најде противигра за Данска: Светскиот првак се утеши со бронза

Репрезентацијата на Франција до полуфиналето немаше загубен меч на Европското првенство во Хрватска, а шампионатот го заврши само со тој пораз. Французите во последниот натпревар на овој шампионат ја совладаа Данска со 32:29  и на тој начин стигнаа до бронза.

Со ова светскиот првак успеа да добие каква-таква утеха бидејќи поразот од Шпанците во петокот беше примен тешко особено откако репрезентацијата влезе во убава серија и очекуваше да се најде во финалето и да ја оправда улогата на фаворит за златниот медал.

Првите осум минути од средбата беа фуриозни. И двете екипи како да играа без одбрана, а нападите ги завршуваа после само десетина до 20 секунди. Таквата игра носеше многу голови и доколку не запреа во продолжението сигурно во првиот дел од мечот ќе имаше и 40 погодоци.

Данска поведе прва со голот на Линдберг, а потоа Франција имаше серија од 3:0. Ова беше уште отворање на дуелот, па Данците одново се вратија во водство и успеваа да го одржуваат некаде до средина на првото полувреме. Имаа 10:8 во 15. минута, а само една минута подоцна Франција преку Карабатиќ и Дипанда успеа да стигне до 10:10.

Селекцијата на Данска последен пат имаше предност на мечот при 11:10. Тука Франција имаше одново 3:0. Потоа откако Линдберг успеа да намали следуваше уште една серија од 3:0, па во 28. минута резултатот беше 16:12 и тоа беше резултат кој и даваше шанса за мирно продолжение на дуелот на селекцијата на Франција.

На одмор триколорите заминаа со резултат од 17:14, а почетокот на вториот дел беше речиси идентичен како стартот на средбата. Головите се редеа наизменично и во ниту еден момент разликата не падна под оние три гола од паузата.

до 43. минута имаше по седум гола и од Франција и од Данска, па во тие моменти резултатот беше 24:21 така што се одржуваше разликата која беше создадена во првите 30 минути од мечот. Тука конечно Данците намалија на 24:22, но Никола Карабатиќ го играше можеби најдобриот натпревар на Европското првенство и одлично ги предводеше колегите во средбата во која Французите доминираа во поголемиот дел од средбата.

Динар одлучи да го одмори Карабатиќ, па на осум минути до крајот лесно можеше да ја врати Данска во игра. Неколку акции во кои го немаше Карабатиќ беа спречени и претворени во контранапади, а тоа резултираше со лесни голови и намалување на разликата на два погодоци. Сепак, со влегувањето на најдобриот ракометар на Франција на теренот работите дојдоа на свое место.

Франција одново стигна на плус четири гола, а имаше сè помалку време за Данска да успее да се врати во средбата така што беше јасно дека триколорите ќе се израдуваат на бронзата на овој шампионат.

Инаку, ова беше меч во кој се надигруваа Линдгрен и Карабатиќ. Првиот успеа да реализира 12 удари, а вториот девет, па двајцата имаа постигнување за одбележување на овој дуел кој го даде одговорот за бронзената селекција на ова ЕП.