ФОТО(+ВИДЕО) НА ДЕНОТ: Трибина верна, титула чека!

Завршниот турнир на најдобрите четири екипи во Лигата на шампионите ќе се одржи во Будимпешта на 7 и 8 мај, а во него по четврти пат Вардар ќе се обиде да дојде до своето прво финале. „Црвено-црните“ ќе патуваат во Будимпешта откако во Скопје успеаа да го совладаат составот на дански Митјиланд со 26-24 и да ја зголемат предноста која ја имаа по првиот дуел одигран во Икаст (заврши со резултат 26-28).

Блескави периоди, а потоа очај и заборав, вака некако се одвиваше дуелот во Скопје, во кој вардарки го тестираа трпението и нервите на своите најверни навивачи. Затоа на крајот радоста беше огромна, а публиката со олеснување и оптимизам замина од салата.

Но не и најверните навивачи, кои ги испочитуваа своите хероини и на свој начин го прославија влезот меѓу најдобрите четири екипи во Европа.

Тие порачаа дека ја очекуваат долго посакуваната титула, со натписот „Трибина верна, титула чека“. Сега на ред се вардарки да покажат дека искуството во Лигата на шампионите и завршните турнири може да ги одведе до самиот врв на ракометна Европа.

ФОТО+ВИДЕО: КОЧО СОТИРОВСКИ