Финиш на 2017 во ЛШ со стил: Машинеријата на Вардар го декласираше Кристијанштад

Ракомерите на Вардар ја завршија 2017 година во Лигата на шампионите со триумф над Кристијанштад од 31:15, а воедно ова беше уште еден натпревар на кој „црвено-црните“ доминираа и со кој ја продолжија успешната серија од 20 меча без пораз во сите натпреварувања во оваа сезона. Воедно ова беше и меч број 15 во Лигата на шампиони по ред без пораз со што едноставно вардарци и понатаму се без конкуренција.

300x250

И двете екипи тргнаа цврсто во одбраната, а тоа беше причина за малкуте голови во првите десет минути од средбата. Вардар поведе со 3:2 во овој период, па тоа беше само најава за она што следуваше на оваа средба. Иако гостите успеаја да се спростават во овој период од мечот, не можеа и во продолжението кога вардарци почнаа да го засилуваат темпото и постојано да ја зголемуваат и разликата.

Ракометарите на Кристијанштад се обидуваа да останат во игра, но не им одеше најдобро бидејќи Штербик успеа да запре неколку напади на гостите, а покрај тоа и во нападот почна подобра игра на играчите на Вардар што донесе до 8:5 после 20 минути игра.

Последната третина од првото полувреме помина во знакот на Вардар, а поголемата идеја пред голот на противникот беше крунисана со уште неколку погодоци со што без проблеми се дојде до плус шест гола пред паузата, па вардарци заминаа на одмор со 14:8.

Во овој период играчите на Вардар играа колку што беше потребно за да дојдат до предност која ќе им гарантира мирно продолжение на средбата.

На почетокот на второто полувреме голот на Штербик беше затворен. Цели девет минути гостите бараа начин за да стигнат до простор за шут, а трите удари коишто ги упатија во овој период завршија со одбрана на Штербик. Во тој период Вардар веќе имаше 19:8 и тука практично беше решен победникот.

Момците на Раул Гоналес се бореа како да се работи за финале и едноставно го декласира рано својот противник и го оставија без шанси за успех на денешниот меч.

Кристијанштад чекаше долго на својот втор гол во второто полувреме. Арпад Штербик си поигруваше со ракометарите на тимот од Шведска бидејќи бранеше речиси се. Никако не можеше да го совладаа, а веќе ги имаше тотално демотивирано, па и тие самите грешеа кога ќе дојдоа во ситуација за шут. Вториот гол во вторите 30 минути за Кристијанштад дојдоа во 51. минута кога Хенингсон конечно успеа да најде начин како да пробие и да го совлада неверојатниот Штербик. Тоа беше само за намалување на предноста на Вардар од 25:10.

До крајот Вардар можеше да си поигрува со својот ривал. Раул Гонзалес доби простор да проба да ги има на терен тројцата средни бекови, Циндриќ, Карачиќ и Војводиќ. Првиот играше како лев бек, вториот како центар, а третиот како лево крило. На овој меч одеше се така што секоја идеја делуваше одлично, а момците на Ола Линдгрен едноставно беа декласирани и на овој меч немаше начин како да се спасат од катастрофа.

ВАРДАР – КРИСТИЈАНШТАД     31:15 (14:8)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 4500. Судии: Тарас Коуз и Виктор Жоба од Украина. Делегат: Небојша Вујисиќ од Црна Гора.

ВАРДАР: Штербик (17 одб., 1 сед.), Милиќ, Стоилов, Криштопанс 0/3, Мораеш 2/4, Македа 4/5, Карачиќ 5/8, Абутовиќ, Кањелас, Циндриќ 3/4, Чупиќ 4/7, Дибиров 7/9, Шишкарев 1/2, Борозан 2/5, Војводиќ 1/1, Марсениќ 2/2

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 8 мин.

КРИСТИЈАНШТАД: Капелин (4 одб.), Л. Ларсон 0/1(2 одб.), Липовац 0/1, Арнасон, Хенингсон 3/11, Соренсен 4/6, Нилсен, Лагергрен, Ј. Ларсон, Хален 3/7, Фрајман 0/3, Персон 1/2, Хринц 2/4, Јонсон 2/4, Ериксен 0/3

Седмерци: 1/2, Исклучувања: 10 мин.